Македонија Спасовски: Најстариот пратеник треба да ја води конститутивната седница, не Вељаноски

Спасовски: Најстариот пратеник треба да ја води конститутивната седница, не Вељаноски

Досегашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, планира да ја води конститутивната седница, што е спротивно на Деловникот и на собраниската практика, бидејќи најстариот пратеник претседава со конститутивната седница, вели генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, по работната средба што партиите ја имале кај досегашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.

Во соопштението на СДСМ се вели дека на средбата се договарале деталите околу конститутивната седница на Собранието која треба да се одржи утре, во 13 часот.

– Бевме информирани дека Трајко Вељаноски сега е пратеник и затоа сметаме дека конститутивната седница треба да ја води најстариот меѓу пратениците. Но, тоа покажува како ВМРО-ДПМНЕ планира да ја води утрешната седница, која треба да биде конститутивна и која треба да тече врз нормите кои се пропишани, без никакво насилство – вели Спасовски.