Македонија Спасовски: Кулминира притисокот врз новинарите

Спасовски: Кулминира притисокот врз новинарите

„Нема прогрес таму каде што имате уценети, тепани или затворани новинари. Институционалната репресија е инструмент на тоталитаризмот, на диктатурата, какво и да е пакувањето во кое таа се нуди“, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во обраќањето на конференцијата на тема „Безбедноста и слободата на новинарите во Македонија“, организирана од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

– Сведоци сме, особено последниве две-три години, дека тој евидентен притисок врз новинарството и, пред сè, врз новинарите – кулминира, изразувајќи се и преку мноштвото како вербални така и физички напади врз новинарите. Сето тоа е прецизно нотирано и во сите релевантни извештаи на нашите партнери од ЕУ и од САД. Таа состојба ја динамизираше атмосферата на несигурност и на страв меѓу припадниците на новинарската бранша, предизвикувајќи понатамошна деградација на новинарската професија и ускратувајќи ја јавноста, т.е. граѓаните и општеството во целост, од клучните атрибути на отчетност, транспарентност, веродостојност – вели Спасовски.

Спасовски додава дека штетата е многу голема, но не и непоправлива, а дека Министерството за внатрешни работи е решително во интенцијата да се испочитуваат сите законски обврски и должности на институцијата во поглед на безбедноста во вршењето на новинарска дејност и во расчистувањето на многуте досегашни случаи на вербални и на физички напади врз новинарите.