Главна секција Спасовски ги демантира информациите за наводни киднапери и препродажба на органи

Спасовски ги демантира информациите за наводни киднапери и препродажба на органи

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски уште еднаш најостро ги демантираше дезинформациите и шпекулациите во кои се злоупотребуваат актуелните случаи на исчезнати лица.

– Категорично ги отфрлам шпекулациите за наводни киднапери и наводна препродажба на човечки органи. Tоа се лаги и дезинформации. Ниту има случаи на киднапирање ниту пак на лицата што во последните неколку случаи си го одземаа животот им недостигале органи – рече министерот Оливер Спасовски на денешната прес-конференција.

Тој апелираше граѓаните да бидат спокојни и да не наседнуваат на ваквите лаги. Спасовски демантираше дека расте бројот на исчезнати лица.

– Напротив, статистичките податоци недвосмислено покажуваат дека и ова е лага. Во 2018 година имало 370 пријавени исчезнати лица, а на пример, во 2014 имало 574. Во континуитет во последниве пет години пронаоѓањето на пријавените исчезнати лица се реализира со околу 94 проценти. Но, ние посветено работиме за да дојдеме до 100 проценти – додаде Спасовски.

За оние пак што шират лажни и со ништо непоткрепени приказни за трговија со човечки органи, тој им порача дека не помагаат, туку ја зголемуваат болката на оние чии сакани и блиски исчезнале.

– Дел од овие случаи, за жал завршуваат понекогаш како самоубиства, како што имавме во последниот период. Во тие случаи, важно е да ја почитуваме приватноста на семејствата наместо да правиме спектакл од нивната тага и болка. Кога имаме случај на исчезнато лице, важно е полицијата да добие што е можно повеќе информации за што е можно побрзо време. Колку е подолго времето помеѓу исчезнувањето на едно лице и известувањето на полицијата за тоа, толку е потешко пронаоѓањето на лицето – рече Спасовски.