Свет Советот за безбедност на ОН треба да гласа за помош за Алепо

Советот за безбедност на ОН треба да гласа за помош за Алепо

Советот за безбедност на ОН денеска треба да гласа за резолуција со која се бара итен и безусловен пристап на претставниците на Обединетите нации во деловите на Алепо што се под опсада, како и во Сирија за да се овозможи испорака на хуманитарна помош.

Советот на безбедност претпладне ќе одржи консултации за резолуцијата што ја подготви Франција, а потоа ќе биде одржан и состанок на кој членките на Советот треба да гласаат.

Според нацрт-резолуцијата, генералниот секретар Бан Ки-мун се повикува веднаш да распореди персонал на светската организација на терен за да се спроведе „неутрален надзор“ и „директно набљудување“, за да известуваат за евакуациите.

Во документот исто така се наведува дека евакуацијата на цивили мора да биде „доброволна кон дестинации по нивен избор“.

Рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин, во петокот рече дека ќе ја разгледа нацрт-резолуцијата, но беше скептичен дека набљудувачите би можеле бргу да бидат распоредени.