Свет Европа Советот за безбедност на ОН ќе заседава за Газа, ОН предупредува на...

Советот за безбедност на ОН ќе заседава за Газа, ОН предупредува на нови раселувања

Гутереш бара хуманитарен прекин на огнот во Газа за да се спречи катастрофа со потенцијално неповратни импликации за Палестинците, но и за целиот Блиски Исток

Фото: Mohammad Abu Elsebah/dpa

Откако генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш се повика на членот 99 од Повелбата на ОН, Советот за безбедност денеска ќе треба да заседава за состојбата на Блискиот Исток, јавува весникот Гардијан.

Гутереш бара хуманитарен прекин на огнот во Газа за да се спречи катастрофа со потенцијално неповратни импликации за Палестинците, но и за целиот Блиски Исток. Тој го предупреди Советот за безбедност на ОН дека ова прашање може да го загрози меѓународниот мир и безбедност.

Светската здравствена организација го засили предупредувањето на Гутереш, велејќи дека луѓето во Газа почнале да ги сечат телефонските столбови за да имаат малку огревно дрво за да се стоплат или можеби да готват, ако имаат нешто на располагање.

Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци, УНРВА денеска предупреди дека состојбата во Газа стигнува до точка од која нема враќање поради очигледното непочитување на меѓународното хуманитарно право.

„Државите мора да најдат политичка волја да стават крај на оваа трагедија. Неуспехот да се дејствува сега и да се запре масакрот засекогаш ќе го извалка нашиот кредибилитет како претставници на меѓународната заедница и ќе поттикне бескрајни циклуси на насилство што на крајот ќе не обземат сите нас“, вели генералниот секретар на УНРВА Филип Лазарини.

Агенцијата вели дека 133 нејзини работници биле убиени од 7 октомври, додека „129 инциденти кои ги погодиле просториите на УНРВА биле пријавени од почетокот на војната, при што некои простории биле погодени повеќе пати“.

УНРВА вели дека дури 1,9 милиони луѓе од Појасот Газа се раселени, за кои велат дека сочинуваат повеќе од 85% од населението на појасот. Многу голем дел од нив се раселени повеќе пати во изминатиов период.

Заклучно со 6 декември, речиси 1,2 милиони внатрешно раселени лица беа засолнети во 151 инсталација на УНРВА во Појасот Газа, вклучително и во северниот дел и градот Газа. Повеќе од 1 милион лица беа засолнети во 94 објекти во областите Кан Јунис и Рафах.