Македонија Соработката на земјите од Западен Балкан е клучна, рече Ковачевски на Берлинскиот...

Соработката на земјите од Западен Балкан е клучна, рече Ковачевски на Берлинскиот процес

На првата работна сесија, премиерот Ковачевски ја потенцирал важноста на реформскиот процес на земјите од Западен Балкан, со што ќе се забрза економскиот раст, ќе биде поддршка за конкурентноста, а тоа ќе значи можност за отворање на нови компании и нови работни места

Фото: Влада на РСМ

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, во рамки на Самитот на лидери на Берлински процес кој се одржува во Тирана, учествуваше на првата работна сесија, посветена на интегрирање на Западен Балкан во единствениот пазар и подобрување на конвергенцијата со ЕУ.

Учесниците на сесијата, како што информираат од Владата, дискутирале за Берлинскиот процес кој има клучна улога како двигател на регионалната соработка и забрзувач на интегративниот процес за ЕУ. На сесијата бил посочен неговиот важен инклузивен формат кој служи како катализатор за економска интеграција, инвестиции и проекти за поврзување кои се насочени кон помирување, безбедност, раст, вработување и просперитет.

„Лидерите на сесијата ги изнесоа своите ставови околу улогата на заедничкиот регионален пазар со што се овозможува подлабока трансформација на регионалната економска интеграција. Се разменија мислења околу заедничкото работење за исполнување на взаемната амбиција на земјите од Западен Балкан имајќи го предвид фактот дека со ваквите регионални достигнувања и со идните, регионот има силен стимул да продолжи по оваа траекторија на регионална соработка“, информираат од Владата.

На првата работна сесија, премиерот Ковачевски ја потенцирал важноста на реформскиот процес на земјите од Западен Балкан, со што ќе се забрза економскиот раст, ќе биде поддршка за конкурентноста, а тоа ќе значи можност за отворање на нови компании и нови работни места. На состанокот било истакнато дека клучно за напредок на регионот е и владеењето на правото, спречувањето на корупцијата и доброто владеење, со кои структурни реформи ќе се забрза и приближувањето на регионот кон Европската Унија.

Покрај Ковачевски, на панелот посветен на интегрирање на регионот во единствениот пазар и подобрување на конвергенцијата со ЕУ, учествуваа и канцеларот на Германија, Олаф Шолц, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел како и голем број премиери и високи претставници на земјите членки на Европската Унија, како и меѓународните финансиски институции и земјите-членки вклучени во процесот–Германија, Франција, Австрија, Хрватска, Италија, Словенија и Обединетото Кралство, заедно со земји од Западен Балкан.

На првата пленарна сесија од Берлинскиот процес, земјите членки на ЕУ ставиле акцент и на важноста на проширувањето на Унијата. На оваа сесија, според Владата, поддршка дале и премиерите на Шпанија и на Холандија, Педро Санчез и Марк Руте, кои не се земји учеснички на Берлинскиот процес, но кои пред присутните лидери од Западниот Балкан ја изнеле поддршката за интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ.