Подглавна секција Сојузникот на Трамп, Стив Банон, осуден на 4 месеци затвор поради непочитување...

Сојузникот на Трамп, Стив Банон, осуден на 4 месеци затвор поради непочитување на Конгресот

Don Irvine, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

Поранешниот советник на Доналд Трамп во Белата куќа, Стив Банон, е осуден на четири месеци затвор за обвинението за непочитување на Конгресот. Банон ги отфрлил барањата да достави документи и да сведочи пред комитетот што го истражува нападот на Капитол од 6 јануари минатата година, објави „УСА Тудеј“.

Освен затворската казна, Банон ќе треба да плати и 6.500 американски долари.

На вчерашното судење, судијата во овој случај потсети на насилството од 6 јануари, додавајќи дека комитетот „има секакви причини да го истражи тој ден“ и дека „другите мора да се одвратат од извршување слични злосторства“.

Адвокатот на Банон, Дејвид Шон, изјавил дека неговиот клиент се обидел да дејствува во рамките на законот, а комисијата што ги истражуваше нападите ја нарекол нелегитимна.

Помошникот на американскиот обвинител, Џозеф Куни, пак, рече дека Банон, пркосејќи ѝ на поканата, не можел да избрши позлонамерен презир кон Конгресот.

Комитетот на Претставничкиот дом бараше документи и сведочења од поранешниот советник на Трамп, но Банон го игонрирал авторитетот на овој комитет, како и барањата во поканата.

„Преку неговите јавни платформи, обвинетиот користеше хиперболична, а понекогаш и насилна реторика за да ја омаловажи истрагата на Комитетот, лично да ги нападне членовите на Комитетот и да го исмејува системот на кривичната правда“, се вели во обвинението.

Стив Банон се соочува со уште еден правен проблем во САД. Тој и непрофитната организација „We Build The Wall“ се обвинети за перење пари и кривични дела за заговор и измамничка шема. Минатиот месец Банон по овој случај се изјаснил за невин.

Случајот се очекува да ги повтори аспектите на претходниот федерален кривичен случај во кој Банон и уште три лица се обвинети за измама на донаторите што донирале над 25 милиони долари за изградба на безбедносен ѕид долж границата меѓу САД и Мексико.

За овој федерален случај, поранешниот претседател Доналд Трамп го помилува Банон за време на последните денови од неговиот мандат во Белата куќа.