Свет Балкан Софија: Политичарите во Македонија да покажат зрелост, губењето време никому не користи

Софија: Политичарите во Македонија да покажат зрелост, губењето време никому не користи

Политичката елита на нашиот сосед мора да покаже зрелост и да најде начин да ги реши тешките проблеми, се вели  во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи за резултатите од референдумот, јавува дописничката на „Мета“ од Софија.

„Заложбата е иднината на државата и иднината на сите нејзини граѓани. Референдумот е највисока демократска практика, со изразена волја на оние кои учествуваа и кои не учествуваа. Граѓаните имаа слободен избор, и повеќе од 90 проценти од гласачите на овој консултативен референдум се изјаснија дека категорично се за евроатлантска интеграција“, се вели во соопштението на МНР на Бугарија.

Во него се додава дека гласот на граѓаните не може да се игнорира.

„Големо мнозинство на граѓани се за членство во ЕУ и во НАТО. Губењето време не е од корист ниту за земјата, ниту за регионот. Република Бугарија ќе продолжи да ги поддржува нашите браќа и сестри од Република Македонија и интеграцијата на државата во ЕУ и во НАТО“, се додава во соопштението.