Дигитални права Собранискиот сајт бил цел на сајбер напад

Собранискиот сајт бил цел на сајбер напад

Во кусото соопштение до медиумите се вели дека станува збор за напади од странство - flood attack, односно напад од повеќе конекции, чија последица е недостапност на интернет страницата

Принтскрин од веб страницата на Собранието на РСМ

Веб страницата на Собранието на РСМ била под сајбер напад, информираат од Собранието на РСМ. Од законодавниот дом велат дека набрзо по нападот собранискиот сајт е вратен во функција, пренесува Радио Слободна Европа на македонски јазик.

Од Кабинетот на претседателот Талат Џафери посочуваат дека нивните ИТ експерти констатирале дека нападите доаѓале од странски ИП адреси, и поради тоа засега до сајтот може да се пристапува само од Македонија.

Во кусото соопштение до медиумите се вели дека станува збор за напади од странство – flood attack, односно напад од повеќе конекции, чија последица е недостапност на интернет страницата.

„Во моментов оневозможен е пристап до страницата од странски адреси но е достапна за домашните корисници. Во меѓувреме надлежните службеници ќе ја следат состојбата и штом се констатира дека е безбедно, пристапот за корисниците од странство ќе биде овозможен“, посочуваат од Собранието.

Сајбер нападот на веб страницата на Собранието на РСМ следи откако минатиот месец жртва на сајбер напад беше и Фондот за здравствено осигурување, кој речиси три недели не беше вратен целосно во функција. Тој напад ги остави без плати здравствените работници, ја запре исплатата на породилното и другите боледувања, направи огромни проблеми со земањето лекови, а во игра ги врати и хартиените обрасци.