Економија Собранието го донесе законот за стечајни работници

Собранието го донесе законот за стечајни работници

Пратениците во Собранието едногласно го донесоа законот за стечајни работници во рамките на 12. седница.

Со овој закон, се овозможува околу 3.000 лица да добиваат месечен надомест од по 8.356 денари, односно 34 проценти од просечно исплатената месечна нето-плата минатата година. Годишно за таа намена од буџетот на Агенцијата за вработување ќе бидат обезбедени 300.816.000 денари.

Невработените лица опфатени со законот треба да имаат најмалку 15 години стаж во претпријатија со доминантна сопственост на државата, а таму работниот однос да им престанал врз основа на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 30 јуни годинава.

На денот на стапување на сила на законот, тие треба да се на возраст од најмалку 52 години, за жени, односно 55 години за мажи.

Пратениците од парламентарното мнозинство рекоа дека со овој закон се исправа неправда на одредена категорија граѓани и дека не станува збор за популизам.

Опозицијата го поддржа законот, но посочи дека во него има недоследности и со него повторно дел од стечајците нема да бидат опфатени.