Главна секција Собрание: Ново продолжение на седницата, малку надеж за разврска

Собрание: Ново продолжение на седницата, малку надеж за разврска

Денеска има ново продолжение на конститутивната седница на Собранието, на која пратениците треба да расправаат за изборот на членови и на претседател на Комисијата за избори и за именувања, како и за изборот на претседател на законодавниот дом.

Утринските партиски соопштенија не укажуваат дека ќе се смени вообичаеното сценарио на реплики и на процедурални забелешки.

Во оваа скусена поствелигденска недела, има малку надеж дека ќе дојде до разврска.

Од ВМРО-ДПМНЕ пред седницата порачаа дека „народот го прочита и му се спротивстави на СДС, излезе на улица и повеќе од 50 дена без престан му кажува дека националните и државни интереси не се на продажба“.

Од СДСМ, пак, повторно најавија дека „легитимното парламентарно мнозинство од 67 пратеници избрани од повеќе од 700.000 граѓани, многу бргу ќе избере нов претседател на Собранието, а потоа и нова влада, во согласност со Уставот, деловникот и со законите“.

Претседавачот со седницата, Трајко Вељаноски, минатата недела одби да го стави на дневен ред предлогот на СДСМ да се премине на избор на нов собраниски спикер.

Главна тема на дискусија сите денови е платформата на албанските политички партии. ВМРО-ДПМНЕ бара нови избори или откажување на СДСМ од платформата, додека СДСМ обвинува дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го штитат криминалот на функционерите од редовите на партијата.