Подглавна секција Со нов закон, Јужнокорејците станаа помлади за една или две години

Со нов закон, Јужнокорејците станаа помлади за една или две години

Новиот закон го укинува традиционалниот систем според кој Јужнокорејците имаат една година уште кога ќе се родат, притоа сметајќи го времето што го поминале во утробата

Image by Markus Winkler from Pixabay

Граѓаните на Јужна Кореја станаа помлади за една или две години откако нов закон во земјата ги усогласи со меѓународните стандарди двата традиционални методи според кои досега се сметаше возраста, пренесува Би-би-си.

Новиот закон го укинува традиционалниот систем според кој Јужнокорејците имаат една година уште кога ќе се родат, притоа сметајќи го времето што го поминале во утробата.

Според другиот метод, пак, наместо да стареат на нивните родендени, возраста кај Јужнокорејците досега се зголемуваше на 1 јануари секоја година.

Така, бебе што се родило на 31 декември, досега се сметаше дека на денот на раѓањето има една година, додека следниот ден – на 1 јануари – полнеше две години.

Почнувајќи од денеска, од кога законот стапува на сила, возраста на луѓето ќе се одредува врз основа на датумот на раѓање, исто како и во поголемиот дел од светот.

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јол силно се заложи за промена на традиционалните методи уште кога се кандидираше за функцијата минатата година. Тој велеше дека традиционалните системи за броење на возраста создавале непотребни социјални и економски трошоци.

Пратениците гласаа за укинување на старите методи на броење минатиот декември.

И покрај овој потег, многу постоечки закони и понатаму ќе ја сметаат возраста на граѓаните според старите системи. Така, Јужнокорејците и понатаму ќе можат да купуваат цигари и алкохол од годината (од 1 јануари), а не од денот кога ќе наполнат 19 години.

И други земји од Источна Азија ги користеа традиционалните методи за сметање на возраста, но повеќето одамна се откажаа од тоа. Јапонија го усвои меѓународниот стандард во 1950 година, додека Северна Кореја го следеше примерот во 1980-тите години.