Дописници „Со љубовта шегување нема“, нова премиера на Интимен театар – Битола

„Со љубовта шегување нема“, нова премиера на Интимен театар – Битола

Интимен театар од Битола ја подготвува својата нова премиера за претставата со провокативен наслов „Со љубовта шегување нема“. Претставата е во режија на Софија Ристевска, а е работена по текст на Алфред де Мисе и на самата режисерка. Премиерата ќе биде четири дена пред Нова година, в сабота, на 27 декември, во 20 часот, на сцената на Интимен театар – Битола.

– Во нашата претстава ги спротиставуваме љубовта и капиталот, ги ставаме во арена, а ние ги анализираме резултатите од тој чин. Во свет на потрошувачко општество, шегување нема единствено со капиталот, а љубовта којашто некогаш била основната жива и движечка сила за човекот, денес е константно поставувана на испит и секојдневно и масовно манипулирана. Со љубовта шегување нема, е повик за создавање еден похуман, посолидарен и социјално рамноправен свет, кадешто индивидуата ќе има право на слобода и на љубов, затоа што точно шегувањето со овие две категории може да нè чини многу! – вели режисерката Софија Ристевска.

Во претставата играат актерите Здравко Стојмиров, Катерина Аневска и Стефанија Милевска.
Кореографијата е на Кире Миладиноски и на Стефанија Милевска. Дизајнот на звук и изборот на музиката го направи Златко Кузевски.

Проектот е финансиран од Министерството за Култура на РМ, а е спонзориран од Хотел „Театар“ – Битола, „Психомедика“ – Битола.

 

А.Б