Култура Со филмот „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски отворен фестивалот „Браќа Манаки“

Со филмот „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски отворен фестивалот „Браќа Манаки“

На годинешниот лауреат, кинематограферот Питер Бижу, наградата Златна камера 300 за животен опус му ја врачи министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска

Извор на фотографија: ИФФК Браќа Манаки

Филмот „Домаќинство за почетници“, по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција го отвори 44. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Од вчера вечер Битола е домаќин на седумте фестивалски денови.

„Создавањето на еден филм, на едно уметничко дело, па и на Фестивал секогаш започнува со скок во непознатото. Возбудлив, но и застрашувачки. За среќа тој скок во непознатото најчесто резултира со едно прекрасно патување и завршува со резултат што им носи големо задоволство и на публиката и на создавачите на филмот. Затоа одново и одново скокаме во непознатото. Ова прекрасно непознато ќе ви биде во Битола седум фестивалски денови“, изјави директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски. 

Тој подвлече дека фестивалот е место на слободната мисла на филмските уметници и големите мајстори на филмската фотографија.

„Фестивалот е домаќин на највисоки претставници на француското, британското, кинеското, австралиското, шпанското, корејското, германското, грчкото, спрското, чилеанското и американското друштво на кинематографери. Ќе бидат прикажани 80 филмови, девет работилници и дваесеттина различни настани кои ќе го остават својот сопствен магичен печат на Битола“, рече Дамевски.

На годинешниот лауреат, кинематограферот Питер Бижу, наградата Златна камера 300 за животен опус му ја врачи министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

„Многу сум среќен што сум во Македонија и што го добивам ова прекрасно признание од Фестивалот „Браќа Манаки“, се заблагодари Бижу, чие појавување на сцената во Центарот за култура во Битола беше проследено со огромен аплауз од публиката која на нозе го поздрави оскаровецот.

На свеченото отворање беше изведен перформанс во режија на Дејан Пројковски. Националниот џез оркестар и детски хор ја изведоа „Another brick in the wall“ од „Пинк Флојд“ со што на сцената и во гледалиштето се ширеше филмската магија на „Пинк ФлојдSидот од лауреатот Питер Бижу.