Главна секција Со 62 гласа избрана владата предводена од Димитар Ковачевски

Со 62 гласа избрана владата предводена од Димитар Ковачевски

Фото: Скриншот од пренос на изборот на владата на Собранискиот канал

Собранието на РСМ вечерва ја избра новата влада предводена од премиерот Димитар Ковачевски. При гласањето за владата вкупно присуствуваа 108 пратеници, 62 пратеници гласаа „ЗА“, додека 46 пратеници гласаа „ПРОТИВ“. Собранискиот спикер Талат Џафери им честиташе на новоизбраните министри и на премиерот Ковачевски.

Покрај Димитар Ковачевски за претседател на владата, во новата влада министри ќе бидат Оливер Спасовски за внатрешни работи, Славјанка Петровска за одбрана, Славица Грковска за вицепремиерка за борба против корупцијата, Љупчо Николовски за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јована Тренчевска за труд и социјална политика, Бисера Костадиновска Стојчевска за култура, Горан Милевски за локална самоуправа, Фатмир Битиќи вицепремиер за економски прашања, Јетон Шаќири за образование и наука, Адмир Алити за информатичко општество и администрација, Беким Сали за здравство, Благој Бочварски за транспорт и врски, Насер Нуредини за животна средина и просторно планирање, Џемаил Чупи вицепремиер за дијаспората, Никола Тупанчевски за правда, Бујар Османи за надворешни работи, Крешник Бектеши за економија и Фатмир Бесими за финансии, Бојан Маричиќ вицепремиер за европски прашања, Артан Групи за политички систем и односи меѓу заедниците.

Во изминативе два дена, во Собранието се одвиваше расправата за избор на новата влада. Пред самиот избор на новата влада, собранискиот спикер Талат Џафери информираше дека во текот на денешниот и вчерашниот ден им било овозможено правото на збор на 35 пратеници, од кои 18 од редовите на опозицијата и 17 пратеници од парламентарното мнозинство.

На собраниската говорница своето мислење за новата влада го искажале 12 пратеници од СДСМ, 11 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, 5 пратеници од Алијансата за Албанците, 4 пратеници од ДУИ и по 1 пратеник од Левица, БЕСА и Алтернатива. Власта и опозицијата си размениле вкупно 63 реплики на собраниската седница.