Свет Смена на врвот на истражната комисија на американскиот Конгрес

Смена на врвот на истражната комисија на американскиот Конгрес

Претседателот на одборот на Претставничкиот дом за разузнавачки работи, Девин Нунез, привремено се повлече од местото шеф на истражниот тим на Конгресот на САД за наводното руско хакирање, поради етичката истрага против него.

Тој сега е под истрага на Етичкиот одбор на Претставничкиот дом, кој разгледува дали републиканецот Нунез неовластено објавувал доверливи податоци.

Нунез рече дека обвиненијата против него се „целосно лажни“ и „политички мотивирани“.

Лидерот на демократите во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, смета дека Нунез се дискредитирал себеси со тајната посета на Белата куќа, за време на која ги прегледувал доверливите документи пред да објави информација дека Трамп и неговите соработници можеби биле случајно следени за време на изборите. Имено, новиот американски претседател тврди дека администрацијата на Барак Обама наложила да го прислушуваат.

Портпаролот на Нунез потврди дека претседателот на Комитетот ја посетил Белата куќа затоа што „била безбедна локација каде можел да добие увид во информациите што ги обезбедил изворот“.

Во меѓувреме, републиканецот Мајк Конавеј ќе го преземе местото шеф на истражната комисија.

Републиканскиот сенатор Ричард Бур рече дека Нунез се одлучил на ваков чекор за да ја „заштити истрагата“ за мешањето на Русија во минатогодишните претседателски избори во САД.