Економија Славевски: Нема пораст, нема инвестиции – издишаа економските очекувања од СДСМ

Славевски: Нема пораст, нема инвестиции – издишаа економските очекувања од СДСМ

Издишаните очекувања кај економските субјекти од новата власт предводена од СДСМ се гледаат преку непостоечкиот пораст на економијата, а дополително падот на бруто-инвестициите укажува дека и во следните години македонската економија ќе остварува ниски стапки на пораст, порача денеска Трајко Славевски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

– Во периодот кога вообичаено се очекува забрзување на порастот на економијата по природен пат, а тоа е последниот квартал во годината, ова важи за сите земји – развиени и неразвиени – кога расте потрошувачката на населението, Република Македонија бележи минимален пораст на бруто домашниот производ од само 1,2% и тоа претставува трет најнизок пораст во Југоисточна Европа – рече тој зборувајќи за податоците за последниот квартал на минатата година.

На партиската прес-конференција, поранешниот министер за финансии ваквите резултати ги припиша на падот на градежните активности од околу 20 отсто и на, како што рече, минималниот пораст на индустриското производство од 2,3 отсто во последното тримесечје на минатата година.

– Исто така пад бележат сите други дејности, (информации и комуникации, финансиски услуги, јавна управа и одбрана, активности во врска со недвижниот имот) освен дејностите трговија и земјоделство. На расходната страна, е она што повеќе не загрижува, пад од 1% забележуваат бруто-инвестициите кои се и показател за идните движења во економијата. Падот на инвестициите укажува дека македонската економија и во следните години ќе остварува ниски стапки на пораст – рече Славевски.