Македонија Скопските улици со посебен режим на сообраќај за Водици

Скопските улици со посебен режим на сообраќај за Водици

Неколку улици во Центар, Аеродром и Ѓорче Петров ќе бидат привремено затворени

Фото: Порталб.мк

Поради активностите по повод верскиот празник Водици, во Скопје ќе биде воведен посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во централното градско подрачје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Утре од 8 часот па до завршување на активностите, во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена улицата „Филип Втори Македонски“ – на потег од крстосницата со булевар „Гоце Делчев“ до крстосницата со улицата „11 Октомври“, во двете насоки.

Во Општина Ѓорче Петров, од 8 часот за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, булевар „Партизански одреди“ до улицата „Ѓорче Петров“, па од улицата „Ѓорче Петров“ до улицата „Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, улицата „Козле“, дел од улицата „Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар.

Во Аеродром, пак, од 10 часот за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон селото Лисиче.

МВР апелира до сите граѓани- учесници во сообраќајот, да ги почитуваат наредбите од униформираните полициски службеници.