Ctrl - Z ЕКО Скопскиот воздух и денес меѓу најзагадените во светот

Скопскиот воздух и денес меѓу најзагадените во светот

Главен загадувач се ПМ-2,5 честичките, чии концентрации, според „IQAir“, изнесуваат 99 микрограми на метар кубен. За споредба, горната граница поставена од СЗО е 5 микрограми на метар кубен

Фото: Мета.мк

Скопје и денес е меѓу десетте најзагадени градови во светот, покажуваат податоците од интернет-порталот „IQAir“.

Според мерењата направени во 12 часот напладне, македонскиот главен град се наоѓа на шестото место според аерозагадување во светот. Со индекс на загадување од 173, воздухот е оценет како „нездрав“ и речиси 20 пати ја надминал горната граница која ја препорачува Светската здравствена организација (СЗО).

фото: Принтскрин од податоците на „IQAir“

Главен загадувач се ПМ-2,5 честичките, чии концентрации, според „IQAir“, изнесуваат 99 микрограми на метар кубен. За споредба, горната граница поставена од СЗО е 5 микрограми на метар кубен.

Северна Македонија со својот загаден главен град, денес на листата на „IQAir“ е во друштво на Пакистан, Индија, Бангладеш, Кина, Монголија, Виетнам и Узбекистан.

Граѓаните на Скопје речиси цела недела дишат смог, а квалитетот на воздухот е на незадоволително ниво и во другите градови.

Во Струмица и Кичево и понатаму на сила се препораките и мерките против аерозагадувањето, поради пречекорениот праг на алармирање поради присуството на ПМ-10 честичките во воздухот.