Скопскиот јавен превоз станува сѐ понеатрактивен за користење од граѓаните. Во првите девет месеци од годинава се превезени за 530.000 помалку патници во споредба со идентичниот период лани. Како што веќе објави „Мета.мк“, градските автобуси од година во година превезуваат помал број на патници, при што бројот на граѓани што патувале со градско – приградскиот превоз во Скопје во периодот 2014 – 2018 година е намален за дури 8 милиони патници, покажуваат податоците на ЈСП – Скопје.
Кај персонализираните билети се регистрирани 296.000 помалку патници, неперсонализирани билети во овој период користеле 209.000 помалку патници, додека бројот на превезени патници во договорениот превоз изнесувал 27.000, или за 24,8 отсто помалку во споредба со јануари – септември 2018 година.
Доколку продолжи ваквиот тренд, скопскиот јавен превоз ќе ја заврши 2019 година со најмал број на превезени патници во последниве шест години. Колку за споредба, градските автобуси во 2014 година превезле вкупно 52,9 милиони патници.