Главна секција Скопје прогласен за Европска престолнина на културата за 2028 година

Скопје прогласен за Европска престолнина на културата за 2028 година

Делегацијата на нашата земја со овации го дочека прогласувањето. Скопје за титулата се натпреваруваше со црногорскиот град Будва

Принтскрин од прогласувањето на Скопје за Европска престолнина на културата за 2028 година

Македонскиот главен град попладнево беше прогласен за Европска престолнина на културата за 2028 година. Скопје е една од трите европски престолнини на културата, а оваа извонредна вест се поклопува и со одбележувањето на 65-годишнината од скопскиот земјотрес од 1963 година. Покрај Скопје, за европска престолнина на културата веќе е прогласен чешкиот град Ческе Буѓејовице, додека третата престолнина ќе биде избрана на 13 декември во конкуренција меѓу француските градови Бурж, Клермон Феран, Монпелје и Руен.

На денешното прогласување на Европска престолнина на културата за 2028 година присуствуваа скопската градоначалничка Данела Арсовска и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Делегацијата на нашата земја со овации го дочека прогласувањето. Скопје за титулата се натпреваруваше со црногорскиот град Будва, при што двата града влегоа во финалната фаза на избор меѓу градовите на земји-членки на ЕФТА, Европската економска заедница и кандидатки за членство во ЕУ.

„Панелот сака да се заблагодари на двата тима, на Скопје и на Будва, двата вложивте извонреден труд. Ви благодарам за вашата работа, за посветеноста, за визијата и двата креиравте извонредно наследство во вашите земји. Панелот расправаше и донесе одлука. Градот што е селектиран да биде Европска престолнина на културата е Скопје“, беше одлучено на денешниот состанок што се одржа во Европската комисија во Брисел.

Носител на апликацијата е јавната установа Универзална сала, а проектот е финансиран од Град Скопје. Стекнатата титула е од огромно значење, бидејќи ќе донесе афирмација на македонската култура во сите нејзини сегменти, од културното наследство до современата архитектура и изведувачките уметности. Титулата „Европска престолнина на културата“ е можност за развој на независната сцена, културните оператори и институции, како и поединци, но и огромен број на настани што ќе се случат во 2028 година во македонскиот главен град.