Македонија Скопјани од утре ќе имаат топли радијатори, предвреме почнува грејната сезона

Скопјани од утре ќе имаат топли радијатори, предвреме почнува грејната сезона

Фото: Архива на Мета.мк

Почнувајќи од утре, 7 октомври започнува испораката на топлинска енергија до потрошувачите поврзани на системите за централно греење во Скопје, најави РКЕ. Инаку, оваа година грејната сезона започнува пред официјалниот старт на 15 октомври, поради тоа што просечнaта дневна температура за следниот ден е пониска од 12 степени.

Регулаторната Комисија за Енергетика (РКЕ) даде одобрение за испорака на топлинска енергија предвреме за да се обезбеди потребниот комфор на потрошувачите.

„Испораката на топлинска енергија во Скопје се врши по строго утврдени правила во зависност од атмосферските услови и надворешните температури. Овие правила се утврдени во регулативата за испорака на топлинска енергија до потрошувачите, одобрена од РКЕ“, информираат од RKE.

Како што додаваат, според регулативата, доколку надворешните температури се пониски се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, со цел корисниците да имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температурите во домовите да не се пониски од 20+1 степен Целзиусов.

„Во исто време, со овие правила на испорака се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални трошоци за греење на потрошувачите“, соопшти РКЕ.

Оттаму додаваат дека при одредени атмосферски услови на доволно топло време кога не е потребно никакво греење, се прекинува испораката на топлинска енергија во периодите на високи надворешни температури, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности, греењето повторно се вклучува.