Македонија СЈО за протестите во Охрид: Секое влијание врз сведоци е кривично дело

СЈО за протестите во Охрид: Секое влијание врз сведоци е кривично дело

Специјалното јавно обвинителство соопшти дека е повредена тајноста на предистражната постапка во рамките на која повеќе лица во Охрид се повикани да дадат исказ како сведоци.

Денеска, по вонредната седница на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, членови и симпатизери на партијата излегоа на протест против истрагата на СЈО.

Од СЈО велат дека секој вид влијание врз сведоците е кривично дело.

„Во врска со предистражна постапка што се води во ова јавно обвинителство, во СВР Охрид се повикани повеќе лица во својство на сведоци да дадат искази за околностите во врска со истата постапка. Во согласност со Кривичниот законик, секој вид влијание врз сведоците е кривично дело, а лицата кои се повикани како сведоци се должни да се јават на поканата и да помогнат со своите искази во утврдување на фактите за кои е поведена секоја предистражна или истражна постапка“, велат од СЈО.

Специјалното јавно обвинителство, се додава во соопштението, се оградува од секакви политички шпекулации и оттаму истакнуваат дека својата службена должност јавните обвинители на СЈО ја вршат во согласност со законот во насока на утврдување на вистината во постапките што се водат.