Македонија СЈО до ВМРО-ДПМНЕ: Не сме поврзани со СДСМ, туку сме институција за...

СЈО до ВМРО-ДПМНЕ: Не сме поврзани со СДСМ, туку сме институција за која гласавте и вие

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ги демантира наводите за негова поврзаност со СДСМ, во реакција на денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ за притворот на бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“.

Од СЈО потсетуваат дека тоа е независна е професионална институција, за чие формирање во Собранието на Република Македонија гласаа 111 пратеници.

– Најостро ги демантираме наводите за поврзаност на ова јавно обвинителство со Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, искажани во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа пригода укажуваме дека ова јавното обвинителство, како независна и професионална институција, е формирано со Закон за кој во Собранието на Република Македонија гласаа вкупно 111 пратеници, вклучително и пратениците од партијата ВМРО-ДПМНЕ – стои во реакцијата на Специјалното јавно обвинителство.

ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение го нарече СЈО партиски разгранок на СДСМ и се закани дека „незаконското одредување притвор под притисок на СЈО, СДСМ и на Заев, на сопственикот на телевизијата „Нова“, дополнително и многу сериозно ќе ја продлабочи политичката криза во земјата“.