Македонија Сите институции во зградата на поранешна „Нова Македонија“ три дена дена немаат...

Сите институции во зградата на поранешна „Нова Македонија“ три дена дена немаат струја

Вработените си заминуваат порано од работа, а и не можат да се регистрираат кога доаѓаат наутро со картички, оти нема струја

фото: Мета.мк

Поради посериозен дефект во електричната мрежа, зградата на поранешна „Нова Македонија“ веќе три дена нема струја, потврди ЕВН. Во оваа зграда се сместени повеќе министерства, еден инспекторат, една комисија, една управа, како и неколку државни агенции.

Од ЕВН велат дека тие се надлежни за мрежата до броилото, а во зградата имало „внатрешен дефект“ за што немаат надлежност, но сепак помагаат да се надмине ситуацијата.

„Објектот на поранешна „Нова Македонија“ има внатрешен дефект, а Електродистрибуција е надлежна за делот на мрежата до броилото. Иако не е во надлежност на нашата компанија, екипите на Електродистрибуција се на терен и се обидуваат да помогнат за да се надмине поскоро ситуацијата“, вели за Мета.мк, Вјоса Слими, портпаролка во ЕВН.

Инаку во зградата на поранешниот НИП, сместени се Министерството за образование и наука (МОН), Министерството за информатичко општество и администрација, Државниот просветен инспекторат, дел од Министерството за култура, Комисија за заштита од конкуренција, Управа за водење матични книги и неколку државни агенции.

„Веќе трет ден е вака. Моите работни обврски ги извршувам на компјутер, кој сега не можам да го користам бидејќи немаме струја. Денес си заминавме дома во 13 часот оти немаме услови за работа. Немаме информација кога ќе се реши“, вели вработен во МОН кој сакаше да остане анонимен.