Свет Европа Сириската опозиција вечерва на преговори во Женева

Сириската опозиција вечерва на преговори во Женева

Делегација на најголемата сириска опозициска група наречена Висок комитет за преговори (НХЦ), вечерва ќе допатува во Швајцарија на мировни преговри за Сирија.

Извор близок на Високиот комитет за преговори навел дека ќе испратат 17 преговарачи и уште 25 свои претставнци на преговорите во Женева.

Високиот комитет синоќа соопшти дека ќе испратат мала делегација на мировните преговори, кои почнаа вчера и на кои посредуваат официјални лици на Обединетите нации.

Нивната одлука ја поздрави и американскиот државен секретар, Џон Кери.

„САД ја поздравуваат значајната одлука на сирискиот Висок комитет за преговори да присуствува на преговорите во Женева“, се вели во соопштението на Кери.

Кери додаде дека САД очекуваат двете страни во преговорите да покажат добра волја и што побргу да постигнат напредок.

Долго планираните мировни преговори за сириската криза во посредство на Обединетите нации почнаа вчера во Женева со претставници на ОН и на сириската влада.

Делегацијата на сириската влада, предводена од амабсадорот на Сирија во ОН, Башар ал Џафери, се сретна со претставникот на ОН, Стефан де Мистур.