Македонија Синдикатот на новинари го достави колективниот договор до ВМРО-ДПМНЕ

Синдикатот на новинари го достави колективниот договор до ВМРО-ДПМНЕ

Самостојниот синдикат на новинари и на медиумски работници (ССНМ) денеска го достави колективниот нацрт-договор за медиумската индустрија до координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

„Секое од решенијата што ССНМ ги нуди во нацрт-договорот се добредојдени за вградување при евентуалното менување на Законот за медиуми, затоа што со тие решенија се подобруваат правата на медиумските работници, што е еден од основните услови за слободата на медиумите. Нема слободни медиуми без слободни новинари и медиумски работници“, велат од ССНМ.

Колективниот договор предвидува регулирање на сите прашања што произлегуваат од работата на еден медиум, како плати, работно време, начин на напредување, избор на уредници, како и правото на слободно и професионално работење.