Свет Балкан Штрајк на грчките морепловци и новинари

Штрајк на грчките морепловци и новинари

Грчките морепловци и новинари денеска стапија во штрајк, еден ден пред големиот штрајк свикан во знак на протест поради новите мерки за штедење што Грција планира да ги воведе за кредиторите да ѝ ослободат нова транша од заемот.

За време на 48-часовниот штрајк, ќе бидат запрени траектите што возат до островите, а новинарите одржуваат еднодневен штрајк, во кој утринава прекинаа да емитуваат телевизиска и радио-програма. За утре синдикатите свикаа генерален штрајк, кој ќе ги погоди услугите во земјата, од школите и од болниците до јавниот сообраќај. Контролорите за летање најавија дека ќе се приклучат со четиричасовен прекин на работата.

Работниците во Грција протестираат поради новиот договор со грчките меѓународни доверители, според кој се воведуваат нови даноци и намалување на потрошувачката и по истекот на програмата за помош во 2018 година.
Без новите мерки, Грција би можела да не ги добие новите пари, кои ѝ се потребни да избегне банкрот во текот на летото, кога на ред доаѓаат големите рати од долгот.