Македонија Штипското инфективно одделение воведе уште две нови телефонски линии за пациентите

Штипското инфективно одделение воведе уште две нови телефонски линии за пациентите

По случајот со смртта на 41-годишната пациентка на Инфективното одделение на Клиничката болница од Штип, која повеќе пати се обидувала да го добие на мобилен телефон медицинскиот персонал, отворени се уште две телефонски линии. Ова го потврди портпаролката на болницата, Марина Шуманска, според која, покрај веќе постоечките две, на пациентите ќе им бидат на располагање четири телефонски линии.

Во секоја болничка соба на Инфективното одделение има залепено хартија со телефонскиот број, на кој можат да се добијат медицинските сестри во случај на потреба. Ќерката на починатата жена обелодени дека нејзината мајка повеќе пати се обидувала да ги добие на телефон, но не успеала.

Овој случај го истражува Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), кој на Клиничката болница од Штип и даде рок од три дена да достави извештај за тоа што се случувало утрото, на 14 ноември, кога 41-годишната пациентка починала од компликации од ковид–19.

„Директорот е задолжен во рок од три дена, писмено да го извести ДСЗИ за наодот од извршената контрола на Комисијата. Независно од работата на Комисијата, во текот на денешниот ДСЗИ ќе иницира стручен надзор над работата на здравствената установа и здравствените работници во врска со третманот на пациентката“, стои во соопштението на ДСЗИ.

Во Клиничката болница работи Комисијата за контрола на здравствени и етички прашања, која го истражува овој случај. Штипскиот случај е меѓу осумте случаи што ги истражува ДСЗИ.