Македонија Штетите од земјотресот да се пријават на 195, АРМ и МВР со...

Штетите од земјотресот да се пријават на 195, АРМ и МВР со зголемена готовност

По силниот земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала што попладнево ги потресе Скопје и околината, триесетина граѓани побарале лекарска помош поради искршеници и расеченици кои ги добиле додека бегале од домовите. Пријавени се повеќе испукани ѕидови, а од еден паднат оџак настрада паркиран автомобил. Граѓани вознемирени излегоа на улиците, а евакуиран и затворен е трговскиот центар „Сити мол“.

Ова е втор по јачина земјотрес по катастрофалниот потрес во 1963 година, кога загинаа 1.070 лица.

Вонредна седница одржа Управувачкиот комитет за кризи.

Отворен е посебен телефонски број 195, на кој сите граѓани можат да побараат проценка дали нивните објекти се безбедни за живеење.

Задолжени се сите општински кризни штабови да извршат увид на терен на состојбата на објектите и на инфраструктурата и да пријават штети.

Како што информира владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, АРМ и МВР, како и надлежните институции, се во состојба на зголемена готовност.

Утрово се случија и два други помали земјотреса – првиот во 6.58 часот со јачина од 3,9 степени по Рихтеровата скала, а вториот една минута потоа, со јачина од 2,8 степени.

Експертите велат дека серијата земјотреси не е поврзана со неодамнешните поплави.
Според информациите, епицентарот на земјотресите бил на 7 километри источно од Скопје.