Свет Европа Шолц предупредува дека радикалната десница сака да протерува имигранти од Германија

Шолц предупредува дека радикалната десница сака да протерува имигранти од Германија

„Нема да дозволиме дозволиме поделби во нашата земја врз основа на тоа дали некој има историја на имиграција или не“, продолжи Шолц, додавајќи дека германската држава ќе ги заштити сите без разлика на потеклото или бојата на кожата

Ziko van Dijk, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска остро ги осуди плановите на радикално десничарските екстремисти за протерување на имигрантите од Германија, велејќи дека никој не заслужува да се суди за тоа од каде доаѓа или по бојата на кожата, јавува германската новинска агенција ДПА.

„Нема да дозволиме поделби во нашата земја врз основа на тоа дали некој има историја на имиграција или не“, продолжи Шолц, додавајќи дека германската држава ќе ги заштити сите без разлика на потеклото или бојата на кожата.

Забелешките на Шолц дојдоа како одговор на извештајот на истражувачкиот медиум Correctiv, во кој беше опишан неодамнешниот состанок меѓу членовите на радикално-десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД) и екстремно десничарската група која се залага за протерување на имигрантите.

Новинарската сторија предизвика огромна реакција во Германија, каде што постои зголемен страв меѓу главните политички партии во врска со порастот на јавната поддршка за АФД. Партијата се наоѓа високо во анкетите во три поранешни источногермански покраини, кои одржуваат регионални избори во текот на годинава.

Според Correctiv, политичарите на АФД учествувале на состанокот во Потсдам, надвор од Берлин во ноември лани, на кој австрискиот радикален десничар Мартин Селнер ја претставил својата идеја за репатријација на потенцијално милиони луѓе со имигрантско потекло.

Тој презентирал идеи за тоа како може да се изврши притисок врз странците да ја напуштат Германија и како луѓето со имигрантско потекло да бидат принудени да се асимилираат. Селнер за ДПА потврдил дека на состанокот презентирал идеи, за како што вели, „преселување на имигранти“.