Македонија Шилегов: Очекувам победа во првиот круг

Шилегов: Очекувам победа во првиот круг

Градоначалникот на Скопје и кандидат на СДСМ за втор мандат на таа позиција, Петре Шилегов, на гласање на локалните избори 2021. Фото: Изборен штаб на Петре Шилегов, 17 октомври 2021

Откако гласаше денеска во текот на денот, актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат на СДСМ и коалицијата, Петре Шилегов посочи дека одѕивот е онаков каков што тој очекувал. Тој додаде дека исто така очекува да победи уште во првиот круг.

„Очекувањата мои се дека ќе имаме победа уште во првиот круг, затоа што во самата кампања скопјани може да препознаат кои се луѓето што овој град го водат напред и сето она што го направивме во изминатите четири години“, порача Шилегов.

Според него, континуитетот за развој на Скопје е извесен и тоа е она што граѓаните ќе го изберат на овие избори.

„Имавме кампања којашто помина мирно и достоинствено, затоа очекувам и се надевам дека денешниот ден, односно овие избори ќе завршат мирно и демократски, впрочем онака како што заслужуваат сите граѓани на Република Северна Македонија“, потенцираше Шилегов.