Македонија Шилегов: Иванов опасно си игра со безбедноста и со стабилноста на државата

Шилегов: Иванов опасно си игра со безбедноста и со стабилноста на државата

Во време кога Македонија се соочува со една од најголемите политички и институционални кризи, „креаторот на кризата, Ѓорге Иванов, реши да замине од државата“, велат од СДСМ по повод посетата на Иванов на Азербејџан.

Портпаролот на СДСМ и пратеник во Собранието, Петре Шилегов, денеска на прес-конференција изјави дека наместо да го послуша ставот на мнозинството граѓани и на меѓународната јавност и да го додели мандатот за составување на нова влада, Иванов под влијание на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, избрал да ја продлабочи кризата и да замине во Азербејџан.

Тој истакна дека со ова Иванов опасно си игра со безбедноста и со стабилноста на државата.

– Повеќе од три месеци, Македонија е без легитимна влада! Државен приоритет на Република Македонија е да се формира влада, во интерес на граѓаните. Во отсуство на Иванов, Македонија останува без единствената каква-таква функционална институција. Собранието сè уште нема избрано претседател, а владата и министрите имаат ограничени ингеренции. Со ваквото несериозно, но и опасно однесување, Иванов докажа дека единствената закана по безбедноста и по стабилноста на Македонија се токму тој и неговиот ментор, Никола Груевски. Сето ова е опасно играње на Иванов со безбедноста и со стабилноста на Република Македонија – рече Шилегов.