Свет Балкан Шест земји од Западен Балкан во Сараево разговараат за економско поврзување

Шест земји од Западен Балкан во Сараево разговараат за економско поврзување

Агендата за регионалната економска интеграција е тема на состанок на претставници на шест земји од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, како една од последните подоготовки пред самитот планиран за јули годинава во Трст, соопшти Регионалниот совет за соработка (РСС).

Средбата на која учествуваат претставници од повеќе министерства и претставници на премиерите на земјите од Западен Балкан е организарана од РСС, од Европската комисија (ЕК) и од ЦЕФТА.

Се разгледува консолидиран преглед на клучните регионални економски иницијативи кои се, пред сè, насочени кон зголемување на економскиот пораст и на конкурентноста на регионот.

„Успешното намалување на цената на роамингот, напредокот во олеснувањето на трговијата и на транспортот, вмрежувањето во приватниот сектор, работата на изградбата на регионалната туристичка понуда, се некои од бројните области што докажуваат дека заедничките регионални напори носат дополнителна вредност – изјави Горан Свилановиќ, генерален секретар на РСС.

Бернард Брунет од Дирекцијата за соседство и за проширување на Европската комисија, изјави дека Брисел исклучително ги поддржува напорите на шесте земји од Западен Балкан за продлабочување на регионалната соработка.

„ЕК се надева дека на претстајниот самит во Трст ќе се усвои амбициозен акциски план“, изјави Брунет.

На работилницата присуствуваат високи претставници од министерства задолжени за трговија, инвестиции, труд, образование и за ИТ-секторите, исто како и претставници од министерствата за надворешни работи и од кабинетите на премиерите на Албанија, БИХ, Косово, Македонија Србија и на Црна Гора.

Регионалниот совет за соработка е меѓувладино тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, каде што полноправна членка е и Република Македонија.