Македонија Шест судски институции добија сертификати ISO 9001:2015 со поддршка на УСАИД

Шест судски институции добија сертификати ISO 9001:2015 со поддршка на УСАИД

На шест судски институции денеска им се доделени сертификати за стандардот за квалитет ISO 9001:2015, во рамки на Програмата на УСАИД за подобрување на работењето на организациите.

Судскиот совет на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија и четирите апелациони судови во Скопје, Штип, Битола и во Гостивар не само што се првите судски институции сертифицирани за овој стандард за управување со квалитет, туку се и првите јавни институции во земјава кои се сертифицирани за најновата верзија на овој стандард.

Воведувањето на стандардот се спровело во текот на 2015 и 2016 година, со поддршка на консултантската компанија „Евросимовски“.

– Во изминатите 25 години, УСАИД ѝ помогна на Македонија во воспоставувањето ефикасен и транспарентен судски систем и работеше на зајакнување на капацитетите на судовите за поефективна и поконзистентна примена на судските политики и практики. Во рамки на Програмата за подобрување на работењето на организациите, УСАИД им помогна на судските институции во поефективно спроведување на процесите на набавки, а со тоа и во исполнување на нивните законски обврски за воведување системи за управување со квалитет. Овој процес е целосно применлив и во другите судови и треба да биде имплементиран на национално ниво – рече директорот на Мисијата на УСАИД, Џејмс Стајн.

Програмата на УСАИД за подобрување на работењето на организациите во Македонија има цел да го подобри работењето на одредени институции кои се сметаат за клучни за развојот на земјата и за целите на Мисијата на УСАИД во Македонија. Во нејзините рамки, досега се спроведени интервенции за подобрување на работењето во следните седум организации: Секретаријатот за европски прашања, Инспекцискиот совет на Република Македонија, Министерството за информатичко општество и администрација, стручната служба на Судскиот буџетски совет, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Фондацијата „Чекор по чекор“ и Центарот за стратегиски истражувања и документација „Форум“.

Почнувајќи од 1993 година, во Македонија преку УСАИД се инвестирани повеќе од 583 милиони долари, пари од буџетот на САД. УСАИД работи на креирање работни места, зајакнување на демократските институции и практики, развој на интегрирано образование и на подготовка на студентите како работна сила.