Хроника Шест лица повредени во сообраќајќи во Тетовско

Шест лица повредени во сообраќајќи во Тетовско

Шест лица синоќа се повредени во три сообраќајни несреќи во Тетовско, соопшти портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

Две лица се повредени во првата сообраќајка, која се случила вчера, околу 19 часот, на улицата 167, откако „голф“ со тетовски таблички удрил во 27-годишниот М.Б. и во неговиот едногодишен син, при што им нанел телесни повреди.

Повредените се префрлени во тетовската клиничка болница, каде по укажаната помош се задржани за понатамошно лекување. Според првичните информации, причина за несреќата е неприлагодена брзина на возилото според условите на патот.

Втората сообраќајка се случила околу 20.45 часот, на наплатната рампа кај Тетово на автопатот Гостивар-Тетово, кога се судриле автомобил „фијат браво“ управувано од Т.З. (54) и товарно моторно возило „ивеко“ со скопски таблички, управувано од К.Н. (51). Во несреќата, тетовецот се здобил со телесни повреди и е пренесен во тетовската болница. Несреќата ја предизвикал тетовецот, кој возел под дејство на алкохол, а кај кого полицијата измерила 2,17 промили алкохол во крвта.

Третата сообраќајка се случила во исто време со втората, но на излезот од Тетово кон Скопје. Во судирот учествувале автомобил „венто“ со тетовски таблички, управувано од Ф.И. (27), и влекач со полуприколка „волво“ со гевгелиски таблички, управуван од А.Ц. (26) од Богданци. Возачот на автомобилот и сопатникот Н.Х. (46), како и сопатничката Р.Е. (26) од Скопје добиле телесни повреди, поради што се хоспитализирани. По укажаната помош, Ф.И. и сопатникот Н.Х. се пуштени на домашно лекување, додека Р.Е. е задржана за понатамошно лекување.