Македонија Шекеринска – Дингисан: Да не се отвораат прашања за кои има решенија...

Шекеринска – Дингисан: Да не се отвораат прашања за кои има решенија во Договорот од Пржино

Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, придружувана од членката на извршниот одбор на СДСМ и заменик-претседателка на Собранието на Р. Македонија, Рената Дескоска, денеска се сретна со заменик-претседателката на Риксдагот на Кралството Шведска, Изабел Дингисан.

Како што соопштуваат од партијата, на средбата се разговарало за актуелната политичка ситуација во Македонија, текот на преговорите и за потребата на граѓаните од брзо решавање на длабоката политичка криза преку одржување фер и демократски избори.

– Власта бега од Договорот од Пржино затоа што тој обезбедува решенија за организација и за спроведување на фер и регуларни избори од кои тие се плашат. Целта на власта е преку измените во законите кои ги ограничуваат ингеренциите на министерот за внатрешни работи, да го блокираат процесот за обезбедување на основните услови за одржување фер и демократски избори. СДСМ заедно со граѓаните цврсто стои на ставот дека опција се само регуларни избори. Посветено работиме на решенијата за клучните услови, не отвораме нови прашања и тоа е начинот да се постигне договор што власта очигледно не го сака – истакнала Шекеринска.

На средбата, како што се наведува во соопштението, заеднички е констатирана потребата од демократски институции во кои граѓаните ќе имаа доверба, како и од обновување на демократските процеси што ќе обезбедат стабилна иднина за граѓаните и за државата.