Свет Европа Шефот на делегацијата на Асад ја обвини сириската опозиција за тероризам

Шефот на делегацијата на Асад ја обвини сириската опозиција за тероризам

Шефот на сириската делегација на мировните преговори во Женева, Башар ал Џафари, ја обвини опозицијата дека е поврзана со тероризам и дека за тоа добива поддршка од странски сили.

Меѓутоа, тој истакна дека владата на Асад размислува за хуманитарните потези што ги побара делегацијата на опозицијата.

– Ние не соработуваме со терористи – им рече Ал Џафари на новинарите во Женева. Според неговите зборови, „некои странски сили“ сакаат да извршат политички притисок на сириската влада, користејќи го тероризмот како политичко оружје.

Тој одговори потврдно на прашањето дали владата размислува за преземање чекори како креирање хуманитарен коридор, примирје и ослободување на затворениците, како што побара опозицијата.

Во меѓувреме, по неформалниот состанок со членовите на Високиот комитет за преговори, кој е главна сириска опозициска група, посредникот на ОН за Сирија, Стефан де Мистур, изјави дека е „оптимист“ и дека е решен да истрае во преговорите затоа што ова е историска можност што не треба да се пропушти.

Опозицијата бараше пред да почнат преговорите, да стигне хуманитарна помош во најзагрозените градови, да престане бомбардирањето на цивилите и да бидат ослободени стотина воени затвореници.