Македонија Шахпаска: Таму каде што ќе фалат воспитувачи, општината да обезбеди

Шахпаска: Таму каде што ќе фалат воспитувачи, општината да обезбеди

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се состана со директори на повеќе градинки од целата држава. На состанокот биле посочени одредени дилеми, за кои, како што информираат во Министерството за труд и социјална политика (МТСП), низ отворена дискусија биле донесени заклучоци и биле расчистени голем број нејаснотии.

Министерката кажала дека ако некаде има проблем со недостиг на вработени негователки и воспитувачки, општините се тие кои треба тој проблем да го решаваат. Исто така, општините треба да бараат решенија и за проблемите со недостиг на просторни услови доколку во некоја градинка постојат.

– Владата донесе одлука дека градинките можат да започнат со работа, почитувајќи ги протоколите и алгоритмот кој прецизно предвидува правила кои строго треба да се почитуваат со цел заштита на децата и вработените во градинките. Согласно протоколите, прием може да се направи на околу 19.000 деца, а досега пријавени се околу 14.500 деца – кажала министерката на состанокот.

Приоритет за упис имаат самохраните родители и еден од двајцата вработени родители кои не можат работните обврски да ги вршат од дома и ќе приложат соодветна потврда.

– Безбедноста на децата е приоритет, а согласно донесените Протоколи и
Алгоритам направени врз основа на детални анализи и проценки градинките се подготвени да започнат со работа на 9 септември за безбедно и сигурно згрижување на децата во установите – рекла министерката Шахпаска.