Свет Се зголемил бројот на странски туристи во Бугарија, најбројни се Македонците

Се зголемил бројот на странски туристи во Бугарија, најбројни се Македонците

Бројот на странски туристи во Бугарија се зголемил во октомври годинава во споредба со минатата година, а 20 отсто од нив дошле од Македонија, јави дописникот на „Мета“ од Софија, повикувајќи се на податоци од бугарскиот Национален институт за статистика.

Истовремено, зголемен е бројот на бугарските државјани што ја посетиле Македонија, кој во октомври годинава бил за 37,4 отсто поголем во споредба со истиот период минатата година.

Вкупно 242.500 странци ја избрале и ја посетиле Бугарија минатиот месец за одмор и за рекреација, од кои околу 50.000 се од Македонија. Како што се наведува во извештајот од бугарскиот Национален институт за статистика, бројот на странските туристи во октомври е највисок во последните десет години. Од институтот наведуваат дека годинешниот пораст од 18,7 отсто се должи на зголемениот интерес на граѓаните од соседните земји.