Македонија Сè уште не е распишан тендерот за анализата на Попова Шапка

Сè уште не е распишан тендерот за анализата на Попова Шапка

Веќе речиси пет месеци, сите прашања поврзани со проблемите на Попова Шапка го добиваат истиот одговор: „Се очекува анализата на ЕЛЕМ за Попова Шапка”, но тендерот за неа сè уште не е распишан. Од друга страна, ЕЛЕМ Турс вели дека постапката за распишување на тендерот е пред крајот, пишува „Порталб“.

„Постапката за очекуваниот оглас за финансиската анализа и физибилити студијата за Попова Шапка е пред завршување. Во моментот се вршат завршните корекции, кои се од технички карактер. Огласот ќе се објави следните денови“, велат од ЕЛЕМ Турс.

Распишувањето на овој тендер се одложува од месец за месец. Од ЕЛЕМ Турс велат дека причина за ова е потребното време за двата огласи, физибилити студијата и финансиската анализа.

„Потребно е време, бидејќи фактички се подготвуваат два огласи: за финансиска анализа на Попова Шапка и физибилити студија (според законот за јавно-приватно партнерство)”, велат од ЕЛЕМ Турс.

Инаку, уште од 2012 година до денес се дискутира за бројните, но сепак исти проблеми со кои се соочува Попова Шапка, но досега не е преземено ништо. Еден од проблемите е жичницата со шест седишта, која се ветува постојано, но сè уште не е завршена.

Попова Шапка некогаш беше познат скијачки центар во регионот и пошироко. Имаше инвестиции во инфраструктурата, имаше скијачки натпревари со учесници од целиот свет и беше омилена дестинација на многу планинари и скијачи. Денес, остана само големата желба на туристите скијачи да го видат центарот развиен како порано.