Главна секција Се трупаат барањата Јанева да биде „Катица за сè“?

Се трупаат барањата Јанева да биде „Катица за сè“?

„Маѓар телеком“, „Монструм“, „Куманово“, „Сопот“, „Кампања“ и сите нерешени случаи и корупција во државата да ги решава Специјалното јавно обвнителство.

Ова се барања од аналитичарите и од помалите политички партии до специјалното јавно обвинителство.

Вчера во медиумите се појави шпекулација дека министерот за правда Аднан Јашари, на средба со новата специјална обвинителка, побарал таа да го преземе и случајот „Куманово“.

Портпаролката на Министерството за правда, Моника Муча, изјави дека состанокот бил протоколарен.

– Се зборуваше за технички работи, не се споменуваа конкретни случаи – вели Муча.

Од Обединети за Македонија го поздравуваат изборот на Катица Јанева за специјален јавен обвинител и очекуваат таа да го разгледа и случајот на лидерот на партијата, Љубе Бошкоски.

Либералната партија повикува специјалниот обвинител да го процесуира случајот со „Маѓар телеком“.

– Имајќи предвид дека документацијата за случајот била на располагање на Јавното обвинителство во најмалку два мандата, а за тоа време не е отворена постапка, го повикуваме специјалниот обвинител да го процесуира случајот со „Маѓар телеком“- велат од Либерална партија.

Од Движењето за реформи на ДПА бараат јавната обвинителка коректно да ги реши чувствителните случаи на злосторствата и корупцијата присутни во политиката.

– Бидејќи се работи за договор постигнат и во присутство на меѓународни претставници, го поздравуваме изборот на специјалниот обвинител и посакуваме успех во нејзината работа. Бараме да се постапува за инкриминираните случаи на албанските политички службеници, претседатели на албанските партии поврзани со коруптивни афери, за кои показател е нивното богатство создадено од политиката – бараат од Движењето на реформи на ДПА.

Аналитичарот Сотир Костов во емисијата „Топ-тема“ на телевизија „Телма“ рече дека специјалниот обвинител треба да ги реши сите случаи кои не се решени од 1994 година досега.

Одговарајќи на новинарско прашање, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, рече: „Ако има разговори за „Монструм“, а како што знаеме сите, има такви разговори од неовластеното прислушување, тогаш тој случај влегува под надлежност на специјалното обвинителство. Ако има разговори за „Маѓар телеком“, тогаш и тоа ќе биде предмет на разгледување од специјалниот обвинител“.