Македонија Се санираат штетите од синоќешното невреме во Велес, исчезна едно лице

Се санираат штетите од синоќешното невреме во Велес, исчезна едно лице

Општинскиот штаб за заштита и спасување во Велес денеска на вонредна седница донесе повеќе заклучоци за санирање на последиците од синоќешното невреме во кое е нанесена голема материјална штета и исчезна едно лице, жител на велешко Белештевица, по кого се уште се трага. Според СВР – Велес, 51-годишниот Спасе Димовски во обид со својот трактор да и помогне на екипа на ЕВН која била со возило, бил однесен од надојдената вода. Во големото невреме најтешко беше погодена населбата Превалец, при што жителите се соочиле со големи води кои надошле од реката Тополка.

Заклучено е, меѓу другото, по добиените проценки за настанатите вкупни штети, градоначалникот на Општина Велес да додели финансиска помош на погодените семејства од поплавите до 50.000 денари, како и за семејството на несреќно настраданиот од село Белештевица. Воедно Општина Велес да стапи во контакт со ЕВН, со цел ЕВН како општествено одговорна компанија да помогне во пронаоѓањето на исчезнатиот граѓани.

Се предвидува и санирање на оштетената фекална канализациона линија во Превалец како и поправка на оштетените коловози и банкини на локалните патишта и на улиците, чистење на наносите од чакал, песок, земја и друго на локалните ишта и на улиците во населените места…

Синоќешното невреме и дожд предизвика големи штети и во Скопје и околината, а во општина Зелениково во поплавите целосно беа уништени многу домови и покуќнина.
Според жителите, поројниот дожд предизвикал нивото на водата по улиците да се искачи на еден метар. Денеска жителите со помош на општината ги расчистуваат своите домови, се вади кал од куќите и од дворовите.