Главна секција Се бројат последните гласови, светот го очекува новиот претседател што ќе седне...

Се бројат последните гласови, светот го очекува новиот претседател што ќе седне во Белата куќа

Фото: René DeAnda на Unsplash

САД влегуваат во самиот финиш на пребројувањето на гласовите на претседателските избори што се одржаа на 3 ноември. Кандидатот на Демократската партија, Џо Бајден води според бројот на освоени гласови во четири од шесте држави во кои сè уште се бројат гласовите, кои би му овозможиле да го зголеми бројот на електорски гласови од постојните 253 на над 270, што ќе му бидат доволни за да постане иден претседател на САД.

Агенцијата „Асошиејтед прес“ попладнево објави дека Џо Бајден е сè поблиску до победата над Доналд Трамп, информирајќи дека Бајден води со повеќе од 28.000 гласа во Пенсилванија, додека во Невада има водство од околу 22.000 гласа. Сојузната држава Пенсилванија носи 20 електорски гласа, што ќе му бидат доволни на Џо Бајден да постане претседател на САД. Невада пак носи 6 електорски гласа во Изборниот колеџ, јавува Би-би-си.

Си-ен-ен пренесува дека во Пенсилванија досега се преброени 96 отсто од гласачките ливчиња, додека во Невада се пребројани 93 отсто од вкупниот број на гласови. Би-би-си објави дека Џо Бајден води и во сојузната држава Аризона со околу 30.000 гласови и пребројани 97 отсто од гласовите, како и во Џорџија каде Бајден води со над 7.200 гласа пред Бајден и каде се пребројани 99 отсто од гласовите.

Наспроти ова, Би-би-си пренесува дека републиканскиот кандидат Доналд Трамп, покрај досега освоените 213 електорски гласа, засега може да смета на дополнителна победа во сојузните држави Алјаска и Северна Каролина, каде и понатаму се бројат гласовите и кои би можеле да му донесат 18 електорски гласа во Изборниот колеџ, што сепак е далеку од потребни 270 електорски гласа.

Демократскиот кандидат за претседател Џо Бајден денеска изјави дека верува во својата победа, а во својот говор рече дека е на пат да освои повеќе од 300 електорски гласа во Изборниот колеџ. На национално ниво, Џо Бајден освои над 4 милиони гласови повеќе од неговиот противкандидат Доналд Трамп. Сепак, ниту еден од поголемите светски медиуми досега не го прогласија демократскиот кандидат Бајден за иден претседател на САД.