Македонија СДСМ: Заврши времето кога Милошоски можеше тајно да преговара со соседите

СДСМ: Заврши времето кога Милошоски можеше тајно да преговара со соседите

Заврши времето кога ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски и Никола Груевски можеа тајно и далеку од очите на јавноста да преговараат за отворените прашања и да имаат монопол во односите што нашата земја ги воспоставува со соседите и со меѓународната заедница, се вели во реакцијата на СДСМ на прес-конференцијата на Милошоски.

„Интерес и на Владата и на граѓаните е Република Македонија да има добра соработка со соседите и да се стави крај на кавгите и на изолациите. Спротивно на тоа, Милошоски денеска кажа многу невистини, иако како претседател на собраниската Комисија за надворешни работи имаше целосен увид во нацрт-верзијата на договорот за добрососедство со Република Бугарија“, стои во соопштението на СДСМ.

Од партијата велат дека сè што прави Владата предводена од СДСМ на домашен и на меѓународен план е во интерес на евроатланските перспективи и добрососедските односи и со целосна заштита на државните и на националните интереси.

„Граѓаните ќе бидат целосно и навремено информирани, а одлуките за сите прашања ќе ги носи Собранието на Република Македонија како највисок државен орган“, стои во реакцијата на СДСМ на прес-конференцијата на Милошоски, кој денеска изјави дека пратениците од Коалицијата за подобра Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе поднесат барање за свикување итна и отворена за јавноста седница на Собранието, за разгледување на договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија.