Македонија СДСМ: Почнува процес на ослободување на заробените институции

СДСМ: Почнува процес на ослободување на заробените институции

„Владата предводена од СДСМ почнува процес на ослободување на заробените институции од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Департизацијата и професионализацијата на институциите почна, колку и тоа да не го разбира ВМРО-ДПМНЕ“, порача СДСМ во одговор на прес-конференциите на ВМРО-ДПМНЕ денеска, во кои новата власт беше напаѓана за реваншизам и за партизацијата на државата.

„Секој граѓанин ќе го најде своето место во заедничкото општество кое ќе пружа еднакви можности за сите, а лицата кои правеа поделби, вршеа притисоци и сееја омраза, веќе не смеат да управуваат со државни институции и ќе мора да носат одговорност за своите постапки“, нагласува СДСМ. Владејачката партија истовремено обвини дека „преку 11-годишното неодговорно, криминално и расипничко владеење, ВМРО-ДПМНЕ ја направи најголемата партизација и злоупотреба на државните институции кои наместо да бидат сервис граѓаните, се претворија во сервис за исполнување на желбите и на интересите на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ“.

„Додека мнозинството граѓани живееја во сиромаштија и во долгови, ВМРО-ДПМНЕ без никакви критериуми инсталираше партиски кадри во  државните институции, а голем број членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ членуваа во неколку управни одбори истовремено. Додека голем дел од граѓаните преживуваа, функционерите на ВМРО-ДПМНЕ ги трошеа парите на граѓаните на луксуз, скапа гардероба и на ручеци од неколку стотици евра“, се вели во соопштението од СДСМ.