Македонија СДСМ: Законот за администрација е неуставен

СДСМ: Законот за администрација е неуставен

Тоа на што укажуваше СДСМ, дека владиниот закон за административни службеници противуставно ќе удри со казни по администрацијата, го потврди и Народниот правобранител, рече на денешната прес-конференција Љупчо Николовски, член на Извршниот одбор на СДСМ.

„Власта, во Законот што треба да стапи на сила за еден и пол месец, предвидува и оние вработени кои се веќе во работен однос, да полагаат испит за административно управување. Доколку не го сторат тоа во рок од две години, ќе бидат прераспределени на пониско работно место или платата ќе им се намали за 10 проценти. Истото се однесува и за одлично познавање на странски јазик и на компјутери. Доколку не поднесат доказ во рок од две години дека научиле одлично англиски и компјутери, ќе бидат прераспределени на пониско место или ќе примаат 10 отсто пониска плата“, изјави Николовски.

Ова што сака да го спроведе власта, според Николовски, е неуставно и незаконски, бидејќи законите важат од моментот кога ќе стапат на сила.

„Правобранителот со право во оваа иницијатива до Уставниот суд бара да се поведе постапка за оценување на уставноста и на законитоста на членови од Законот и по спроведената постапка судот да ги поништи или да ги укинe! СДСМ дополнително укажува дека предложените измени од страна на власта, на Законот што не е ни стапен на сила, за начинот на оценување на работата на администрацијата, се уште една можност за заканувања и за чистки во администрацијата за партиски потреби. Што се случува во овој правец говори податокот дека за 10 дена има огласи за повеќе од 100 работни места во администрацијата! Како што објавивме, голем дел од огласите се за луѓе без искуство, со средно образование, за работни места курири, помлади референти, што говори дека власта на големо ја трупа администрацијата со лица што не ги поседуваат елементарните професионални стандарди предвидени во законот што самите го донесоа“, рече Николовски.

Поради тоа, СДСМ бара да се одложи примената на Законот за администрација, предвидена за 13 февруари 2015.

„Законот е донесен без консултации со засегнатите и со експертската јавност.  Делови на законот се неуставни. Овој закон води кон послушна и партиска администрација, а не води кон европска професионална каква што им е потребна на граѓаните и на што е обврзана Република Македонија“, рече Николовски.