Македонија СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ е во паника, но СДСМ не отстапува од избори на...

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ е во паника, но СДСМ не отстапува од избори на 11 декември

Информациите за промена на расположението кај граѓаните кои од ден на ден сè повеќе се противат на погубните политики на обвинетиот Никола Груевски, допираат и до ВМРО-ДПМНЕ, одговараат од опозицискиот СДСМ на реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ за писмото што Зоран Заев го испрати до амбасадорите.

„Токму затоа паниката кај ВМРО-ДПМНЕ и кај Груевски од соочување со граѓаните станува сè поочигледна. Токму затоа прават сè за да не се дојде до избори и до понесување одговорност. Токму затоа сите дејства на ВМРО-ДПМНЕ се во насока на минирање на изборите закажани за 11 декември. И токму затоа претседателот на СДСМ, Зоран Заев, упати писмо до амбасадорите во кое укажува на намерите на ВМРО-ДПМНЕ за саботирање на претстојните избори“, велат од СДСМ.

Во соопштението се наведува дека СДСМ е решен изборите да се случат на 11 декември и од тоа не отстапува.

„Изборите се неопходен исчекор кон надминување на политичката криза и кон градење демократски капацитет во државата, вредност која е во интерес и на СДСМ и на граѓаните на Македонија“, велат од СДСМ.