Македонија СДСМ утре на конгрес ќе ги објави кандидатите за пратеници, сите опции...

СДСМ утре на конгрес ќе ги објави кандидатите за пратеници, сите опции отворени

СДСМ утре на конгрес, кој ќе почне во 14 часот во хотелот „Алексадар палас“ во Скопје, ќе ги соопшти кандидатските листи за пратеници во шесте изборни единици во Македонија и во една од дијаспората. Имињата сè уште се тајна, но според одредени информации, се очекува на листите на опозициската коалиција да се најдат и познати имиња од општествениот живот кои досега не биле активно вклучени во политиката.

Деновиве се споменуваше дека можните носители на листите се Стево Пендаровски, Никола Димитров, Зоран Заев, Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски.

Не е исклучено на листите да има и независни кандидати во сите шест изборни единици.

Овој конгрес на СДСМ е втор во период од нешто повеќе од еден месец. На почетокот на октомври, социјалдемократите ги усвоија програмските насоки на партијата, додека утре делегатите треба да ги одобрат 120 кандидатури за пратеници во шесте изборни единици во земјава на опозициската коалиција, предводена од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека листите ќе ги објават на некој поголем собир, но сè уште дефинираат кога и како ќе изгледа тоа.

Засега само ДПА ги објави кандидатските листи, на кои лидерот Мендух Тачи е носител во шестата изборна единица.