Главна секција СДСМ: Пред избори Груевски сака да додели концесија за изградба на гасовод...

СДСМ: Пред избори Груевски сака да додели концесија за изградба на гасовод на 30 години

СДСМ денеска преку соопштение предупреди дека Владата се обидува да спроведе еден од најскандалозните корупциски тендери во десетгодишниот мандат.

Од опозициската партија велат дека власта на Груевски во предизборие сака на компанија да ѝ додели концесија на 30 години за изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас.

„Која е фирмата на којашто фамилијата пред заминување сака да ѝ даде 30-годишен бизнис со гас? Денешната одлука на власта на Груевски за нов проект за изградба на гасоводна дистрибутивна мрежа, дополнително упатува на отворање пат за огромна корупција, ако се земе предвид дека само пред неколку дена тие самите ја поништија својата претходна одлука за гасификација на Скопскиот, Западниот и на Источниот Регион. Малку се потрошените милиони евра пари на граѓаните за студии за оправданост и за тендерски документации за лагите до црвените ленти дека Македонија наводно се гасифицира“, пишува во соопштението на СДСМ.

Од партијата ги повикаа јавните и државни службеници да не потпаднат под притисоците на власта за спроведување на очигледниот криминал што сакаат да го направат Груевски и соработниците на заминување.